Во периодот од 19-22 октомври и од 5-7 ноември, од страна на Вестминстер фондацијата се организираше обука за стручните служби на Собранието на тема: „Финансиски надзор, буџетирање и ревизија за пратеници и вработени во Собранието на Република Македонија“.
На обуката како предавачи од Државниот завод за ревизија учествуваа: Тања Таневска, Главен државен ревизор, Јадранка Бошкоска, Цвета Ристовска и Јулијана Стефановиќ со темите: „Државниот завод за ревизија“; „Ревизија на расходите“; „Финансиски извештаи и индикатори на успешност“; „Пишување на ефективни извештаи“; „Соработката на Државниот завод за ревизија со Собранието на Република Македонија“;
Иако се независни, Врховните ревизорски институции не се изолирани од целиот систем на управување со јавните средства и менаџерската одговорност бидејќи се дел од заокружениот процес на планирање, буџетирање, управување, сметководство и ревизија.
Многу од проблемите во процесот на планирање и извршување на буџетот на една држава можат да се откријат преку ефикасна надворешна ревизија. Ова е една од основните причини за зајакнување на Врховните ревизорски институции, заедно со подобрувањето на целиот систем за финансиски менаџмент и контрола.
Но, бидејќи Врховните ревизорски институции се независни и политички неутрални, континуираната соработка со Парламентот ќе овозможи и тие да бидат запознаени со работењето на сите корисници на државните средства. Всушност, и едните и другите се грижат за начинот на трошење на јавните средства.
Парламентот би бил поефикасен доколку се потпира на информациите од Врховните ревизорски институции, а од друга страна Врховните ревизорски институции своите препораки може да ги промовираат токму преку Парламентот. Ова упатува на една балансирана соработка, при што двете институции треба да ја задржат својата независност.
„Улогата на Државниот завод за ревизија е незаменлива и било каква обука во финансискиот надзор, без да се земе во предвид трансферот на знаења и вештини од вработените на ДЗР кон стручните служби на Собранието, би била нецелосна.
За време на обуката организирана од страна на Вестминстер фондацијата за демократија и ЦЕА за стручните служби на Собранието, вработените од Државниот завод за ревизија на Република Македонија целосно ги исполнија очекувањата на професионален и педагошки план“. (цитат од Фондацијата).
|